Општ правилник за мото спорт PDF Печати Е-пошта

            Врз основа на член 29 од Статутот на Мотоциклистичка федерација на Македонија. Управниoт одбор на Мотоциклистичка федерација на Македонија на седницата одржана на 11.03.2008 донесе:

 

 

                                                         

ПРАВИЛНИК ЗА МОТО СПОРТ НА

МОТОЦИКЛИСТИЧКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

 

 

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

член 1

 

            Со правилникот за мото спорт на Мотоциклистичка федерација на Македонија (во понатамошниот текст Правилник) се утвдува организацијата на мото спортот, дефинициите и терминологијата, основните права и обврски на возачите, натпреварувачите и спортските функционери, основните услови за мотoрциклите, основните услови за патеките на кои се одржуваат натпревари, основите на организацијата на натпреварите, системот на шампионатот и признанијата и наградите во мото спортот, дисциплинската и материјална одговорност.

            Останатите прашања од областа на мото спортот како што се: положбата, правата и обврските на натпреварувачите и спортските функционери, условите што мора да ги исполнуваат моторциклите што се користат во мото спортот за натпреварувањата, условите за патеките на кои се одржуваат натпреварите, здравствените услови за натпреварувачите, дисциплинската и материјална одговорност на натпреварувачите, натпреварувачите и спортските функционери и организаторите на натпреварите и слично се утврдуваат со посебни правилници кои ги донесува Управниот одбор по предлог на стручните комисии на Мотоциклистичка федерација на Македонија.

 

 

 

 

член 2

 

            Врз основа на Правилникот за мото спорт на Мотоциклистичка федерација на Македонија и посебните правилници, за секоја тековна година Управниот одбор на Мотоциклистичка федерација на Македонија, ги усвојува додатоците на правилникот за секоја спортска дисциплина за која таа година е распишан Шампионат на Македонија.

            Организаторите на натпреварите од шампионатот на Македонија во дисциплините кои се распишани за таа година се должни да го усогласат Посебниот Правилник за натпреварот со Правилникот за мото спорт на Мотоциклистичка федерација на Македонија, посебните правилници, како и со додатокот на правилникот за дисциплината во која се одржува натпреварот.

           

член 3

 

            Овој Правилник, посебните правилници и додатоците на правилникот за дисциплините на мото спортот се донесени спрема условите на мото спортот во Република Македонила и ќе се применуваат како такви. Во случаи кога со членовите од овој правилник, членовите на посебните правилници и членовите на додатоците на правилникот за тековната година не се опфатени одредени правила, ќе се применуваат членовите на правилниците на FIM, UEM и BMU.

                                                           

член 4

 

            Прифаќајки го овој Правилник, сите натпреварувачи и спортски функционери имаат обврска активно да работат врз развивањето на мото спортот во рамките на мото друштвата, мото клубовите и Мотоциклистичка федерација на Македонија.

            Мотоциклистичка федерација на Македонија е единствена национална спортска организација  на мото спортот во кој се здружени мото клубовите, во понатамошниот текст МК.

            Натпреварувачите и спортските фунционери учествуваат на мото натпреварите на сопствен ризик и подлежат на сите видови на материјална и физичка  одговорност.

            Мотоциклистичка федерација на Македонија, настојува да воспостави високи еколошки стандарди кои се однесуваат на мото натпреварите на сите нивоа, во согласност со стандардите на FIM, UEM и BMU за екологија и сите учесници на овие натпревари се должни да ги почитуваат тие стандарди.

           

член 5

 

            На натпреварите што во Република Македонија или надвор од неа ги организираат други организации, натпреварувачите и спортските функционери можат да учествуваат само врз основа на издадена потребна дозвола од страна на МФМ.

            Учествување на натпревари од ставот 1 од овој член без посебна дозвола, претставува тешка повреда на овој Правилник.

            Сите учесници на натпреварите во мото спортот, прифаќајќи го овој Правилник, посебните правилници и додатоците на правилникот се обврзани сите евентуални спорови да ги решаваат во рамките на Мотоциклистичка федерација на Македонија.

            Евентуалното покренување на спор по прашања на спортски елементи и против одлуки на надлежни органи на Мотоциклистичка федерација на Македонија, по овие прашања во институции надвор од Мотоциклистичка федерација на Македонија повлекува исклучување од Мотоциклистичка федерација на Македонија.

 

II. ОРГАНИЗАЦИЈА НА МОТО СПОРТОТ

 

член 6

 

            Управниот одбор на Мотоциклистичка федерација на Македонија (во понатамошниот текст УО на МФМ) е врвно спортско стручно тело на МФМ. Таа претставува тело формирано од МФМ (Собрание на МФМ), како овластен и надлежен носител на спортската власт на кое се префрлаат ингеренции и надлежности од областа на мото спортот.

            Управниот одбор на МФМ како врвен спортско-стручен орган на МФМ е должна најмалку еднаш годишно да поднесува извештај за својата работа на собранието на МФМ.

            Управниот одбор се состои од 7 члена кои ги именува и разрешува собранието на МФМ.

            Управниот одбор на МФМ како стручно тело ги формира стручните комисии.

            Стручни комисии се:

  • Комисија за брзински трки
  • Комисија за мотокрос
  • Комисија за туринг
  • Техничка комисија

            Управниот одбор на МФМ , врз основа на укажаната потреба, може да формира и други комисии, поткомисии и работни групи.

 

член 7

 

            Стручните комисии од претходниот член на овој Правилник се постојани стручни органи на Управниот одбор на МФМ, а се се формираат од активни спортски функционери.

            Стручните комисии се состојат од 3 до 5  членови, зависно од потребата.

            На поедини седници на комисиите може да присуствува и претставник делегиран од страна на возачите, без право на глас, доколку за тоа има потреба.

 

член 8

 

            Мандатот на членовите на Управниот одбор на МФМ и на стручните комисии трае четири години од денот на назначувањето, но членовите на Управниот одбор на МФМ и членовите на стручните комисии можат да бидат разрешени пред истекот на овој рок доколку за ова одлучи органот или телото кое ги назначило, во овој случај за членовите на Управниот одбор на МФМ, Собранието на МФМ, а за стручните комисии, Управниот одбор  на МФМ.

            По завршувањето на мандатот истите лица можат да бидат повторно избрани во Управниот одбор на МФМ и стручните комисии.

 

член 9

 

            Управниот одбор на МФМ:

  • ја спроведува политиката на Собранието на МФМ за развој на мото спортот;
  • го спроведува  Правилникот за мото спортот на МФМ;
  • усвојува посебни правилници, додатоци на правилникот, посебни правилници за натпреварите, деловник за работа на Управниот одбор на МФМ и се грижи за спроведување на истите;
  • предлага измени и дополнувања на правилникот за мото спорт на МФМ;
  • усвојува календар на натпревари за Шампионатот на Македонија во сите дисциплини;
  • издава натпреварувачки и функционерски лиценци;
  • врши надзор на натпреварите преку свои делегати;
  • донесува и се грижи за спроведување на одлуки во врска со мото спортот;
  • ги именува комисиите и дисциплинските судии;
  • претставува последна инстанца на одлучување во случај на заштита на законитост во дисциплинска постапка.

 

член 10

 

            Стручните комисии, именувани од Управниот одбор на МФМ:

  • ги подготвуваат и предлагаат додатоците на правилникот за мото спорт на МФМ за шампионите на Македонија во соодветните дисциплини;
  • подготвуваат предлог календар за соодветната дисциплина;
  • именува Делегат на секој натпревар;
  • вршат анализа на одржаните натревари;
  • предлагаат мерки за развој и унапредување на соодветната дисциплина;
  • разгледуваат и донесуваат одлуки по жалби на одлуките на жирито на натпреварите;
  • извршуваат други работи по заклучоци и одлуки на Управниот одбор на МФМ.

            Техничката комисија, како стручна комисија, ги предлага техничките услови за моторциклите кои учествуваат во шампионатот на Македонија, одлучува за степенот на недозволени технички преправки на мотоциклите, ја контролира примената на пропишаните услови, ги следи меѓународните технички прописи и сл.

 

член 11

 

            Работата на Управниот одбор на МФМ се одвива според Деловникот за работа на Управниот одбор на МФМ

 

III. ДЕФИНИЦИИ И ТЕРМИНОЛОГИЈА

 

член 12

 

            Имињата, дефинициите и кратенките кои ќе се користат во Правилникот за мото спорт, неговите додатоци, посебните правилници, сите правилници за натпреварите и сите останати документи и дописи во врска со мото спортот се следните:

 

            FIM (Federation International de motorcycles) - Меѓународна мотоциклистичка федерација која претставува единствена меѓународна спортска власт квалификувана да донесува и применува Правилници и анекси на правилници со кои се поттикнуваат и регулираат мотоциклистички натпревари и која е меѓународен суд кој е во последен степен надлежен за решавање во споровите кои можат да произлезат при примена на Правилниците на  FIM.

 

            FMN (Federation Motorcyclists National) - Национален мотоциклистички клуб или сојуз/федерација кој што FIM го признава за единствено овластен и надлежен носител на спортската власт во една земја. Оваа функција во Република Македонија ја врши МФМ.

 

            CSI (Commission Sportive International) - меѓународна спортска комисија.

 

            Управeн одбор на МФМ - тело формирано од МФМ (Собранието  на МФМ), како овластен и надлежен носител на спортската власт на кое се префрлаат ингеренции и надлежности од областа на мото спортот.

 

            MK - Мото клуб

 

член 13

 

            Спортска гранка - Основна поделба на спортските активности на МФМ. Спортски гранки се: мотоциклистички спортови.

            Спортска дисциплина - Вид на мото спортот во спортската гранка.

            Мото спорт - Натпреварувања со моторни возила со две, три или четири тркала.

           

член 14

 

            Натпревар - Секое возење, индивидуален обид, обид за соборување рекорд, натпреварување во издржливост или точност, рели, туристички собир во кој што учествуваат мотоцикли, со цел на меѓусебно натпреварување или обид да се исполнат однапред утврдени задачи.

 

член 15

 

            Мото трки - Натпревар со мотоцикли на кружни асфалтни патеки на кои брзината е главен фактор за утврување на резултатот.

            Мотокрос - Натпревари со мотоцикли на кружни патеки по разновиден природен терен со природни пречки и подлога.

            Ендуро - Натпревари кои се изведуваат на сите видови терен во кои како основ за бодување на резултати се земаат издржливоста, вештината и почитувањето на правилата за возење.

            Спидвеј - Натпревари со мотоцикли на ограден терен, со непрекидната кружна патека чиј обем изнесува 285 до 400 метри и со соодветен растресит горен слој, а кои се изведуваат по одреден систем кој се нарекува „Speedway“.

            Мотоскијеринг - Натпревари на кои мотоциклист влече скијач.

            Мотобол - Натпревари на кои две екипи мотоциклисти се натпреваруваат со соодветна топка.

            Мото драгстер - Брзинско оценувачки натпревар со мотоцикли.

 

член 16

 

            Меѓународни натревари - Натпревари на кои учествуваат натпреварувачи од различни држави кои задолжително се впишани во меѓународниот календар, како и меѓународни натпревари во рамките на дозволените зони од страна на FIM, UEM и BMU кои не се впишуваат во меѓународниот календар

            Големи награди (Grand Prix) - Натпревари кои се бодуваат за светскиот шампионат.

            Државни натпревари - Натпревари на кои можат да учествуваат натпреварувачи од целата држава.

            Градски и регионални натпревари - Натпревари на кои можат да учествуваат натпреварувачи од општините, регионите и градовите.

            Меѓуклубски натпревари - Натпреварувања на кои можат да учествуваат натпреварувачи од повеќе мото клубови.

            Посебни натпревари - Натпреварувања на кои натпреварувачите мораат да исполнуваат одредени услови.

            Натпревари од шампионатот - Серија на натревари на одредени натпреварувачи за да се прогласат шампиони и пласман во шампионатот на Македонија во одредена дисциплина.

 

член 17

 

            Трка - Дел од натпервар во кој брзината претставува решавачки фактор за утврдување на пласманот.

            Возење - Трка во серија трки на еден натревар која трае определено време или определен број на кругови.

            Натпреварувач - Учесник на натпреварите, правно или физичко лица.

            Возач - Лица кои управуваат со возило за време на натпреварите и кои поседуваат потребни документи. На натпреварите возач е лице кое е пријавено како прв натпреварувач.

            Совозач - Лице кое се наоѓа на возилото за време на натпреварот и кои поседуваат потребни документи. На натпреварите совозач е лицето кое е пријавено како втор возач.

            Јуниор - Натпреварувач чија долна старосна граница е пропишана со анекс на Правилникот за соодветната дисциплина. Може да биде пропишана и горна старосна граница.

            Патека - Точно утврдена локација (терен, простор) на која се одвива натпреварот.

            Затворен патека - Патека која постојано или повремено се употребува за натпреварувања или рекорди и која е затворена за редовен сообраќај за време на одвивањето на натпреварите.

            Мотодроми - Посебно изградени затворени патеки за одржување на натпревари.

            Стартна линија - Почетна контролна линија со или без мерење на времето.

            Целна линија - Завршна контролна линија со или без мерење на времето.

            Круг - Целиот пат на еден потполн круг од патеката, од стартната до целната линија.

            Старт - Момент кога на еден возач или повеќе возачи кои заедно тргнуваат им е даден знак за тргнување.

            Цел - Момент кога на возачите им е даден знак за завршување на трката или возењето.

            Старт од место - Старт кога возилото е неподвижно, кога е даден знак за тргнување.

            Летечки старт - Старт при кој возилото се движи кон стартната линија и продолжува да се движи премунувајки преку стартната линија без ограничување на брзината.

            Старт во движење - Старт на возила чија брзина на движење се контролира до стартната линија.

 

член 18

 

            Натпреварувачка лиценца - Официјална потврда за регистрација која се издава на лице кое управува со возилото за време на натпреварот.

            Натпреварувачка (совозачка) лиценца - Официјална потврда за регистрација која се издава на лице кое учествува на натпреварот како совозач. Не му е потребна на лице кое поседува натпреварувачка лиценца.

            Функционерска лиценца - Официјална потврда за регистрација која се издава на физичко или правно лице кое има определени ингеренции над натпреварувачите или совозачите на некој натпревар (МК, спонзори, сопственици на возила итн.)

            Лиценца за патека - официјален документ со кој се потврдува дека определена патека одговара на условите за одржување на определен натпревар во согласност со вазечките прописи.

 

член 19

                                                           

            Моторно возило - Возило на моторен погон кое според конструкцијата, уредите и опремата е способно за движење на разновидна тврда/мека подлога.

            Мотоцикл - Моторно возило со помалку од пет тркала, придвижуван од мотор конструиран за превоз на еден или повеќе патници. Возачот го управува возилото со гидан.

            Работна зафатнина - Простор во цилиндерот на моторот меѓу двете крајни положби на клипот. Тој простор кај повеќе цилиндричните мотори се множи со бројот на цилиндрите во моторот. Се изразува со cm3 или I3 . Работната зафатнина се мери според прописите на FIM, UEM и BMU.

            Категорија - Вид возила.

            Класа - Возила опфатени според работната зафатнина на нивните мотори.

            Дивизија - Група возила кои стартуваат заедно на една трка.

           

член 20

 

            Спортски функционер - Спортски работник со лиценца со определен ранг.

            Директор на натпреварот - Главен извршен спортски функционер на еден натпревар.

            Жири - Врховен орган на натпреварот.

 

член 21

 

            Организатор - Овластено правно лице што го организира натпреварот.

            Организационен одбор - Орган овластен од организаторот квалитетно да ги изведе поготовките на натпреварот. Орган кој е спортски и законски одговорен за сите неправилности до почетокот на натпреварот.

            Дозвола за организирање на натпревар - Документ со кој на организаторот му се дозвојува организирање на натпревар.

            Календар на натпревари - Официјален документ издаден од Управниот одбор на МФМ , во кој се впишани сите термини на одржување на натпревари од шампионатот на Македонија во сите дисциплини за кои таа година шампионатот е распишан.

            Посебен Правилник - Нормативен акт со кој Управниот одбор на МФМ прецизно ги регулира областите на мото спортот кои не се опфатени со Правилникот за мото спорт на МФМ (услови за возила, патеки за натпревари, здравствени услови, дисциплинска и материјална одговорност и сл.).

            Додаток на правилник - Официјален документ кој го усвојува Управниот одбор на МФМ, кој мора да биде во согласност со правилникот за мото спорт на МФМ и посебните правилници, а со кој се распишува шампионатот и се утврдуваат условите, правата и обврските на сите учесници во шампионатот за една година.

            Посебен правилник на натпреварот - Официјален документ кој го поднесува организаторот на натпреварот со кој се регулираат детали од тој натпревар, кои не се предвидени со правилниците. Документ кој се усвојува од надлежно спортско тело (Управниот одбор на МФМ).

            Програма на натпревар - Официјален документ кој го издава организаторот на натпреварот и кој содржи поединости за јавноста околу тој натпревар.

            Пријава за натпревар - Форма на договор меѓу организаторот на натпреварот и натпреварувачот, со кој натпреварувачот се обврзува дека ќе настапи на натпреварот на кој што се пријавил.

 

член 22

 

            Рекорд - Најдобар резултат кој е постигнат во одредени услови.

            Рекорд на патека - Рекорд кој е поставен на одредена патека изразен во времето потрошено од стартната до целната линија постигнато во еден круг или минување на целата патека.

            Рекорд на класа - Рекордите на патеката можат да бидат водени и по класите на возилата.

            Апсолутен рекорд - Најголемата вредност на рекордот на патеката без оглед на класите, категоријата и видовите на возилата.

 

член 23

 

            Приговори - Формална писмена изјава за несогласување со некоја постапка или пропуст на организаторот, спортскиот функционер или возачот, кој ја поднесува натпреварувач или функционер на клубот кој од тоа има непосредна корист во согласност со процедурата утврдена во посебните правилници за поедини дисциплини.

            Жалба - Редовно правно средство кое може да се поднесе на повисок орган против одлука на или друг акт на понизок орган.

           

член 24

 

            Исклучување - Забрана за натамошно учествување на одреден натпревар.

            Суспензија - Привремено одземање на правото на учествување или вршење на фукции на натпревари.

            Дисквалификација - Временски ограничено губење на правото на учество или вршење на функција во било кое својство на натпреварите.

 

IV. ВОЗАЧИ И НАТПРЕВАРУВАЧИ

 

член 25

 

            Својството натпреварувач, совозач се стекнува со зачленување во организација членка (МК) на МФМ и заведување во Регистерот  на МФМ за здобивање на соодветна спортска лиценца.

 

член 26

 

            Сите натпреварувачи мора да поседуваат натпреварувачка лиценца за управување со моторно возило од одредена категорија.

            Со додаток на правилникот за одредени дисциплини на мото спортот може да се уредат и други услови за натпреварување.

            Возачите кои се помлади од 18 години за учество на натпревари мора да приложат писмена согласност од родителите заверена на нотар.

 

член 27

 

            Сите возачи и натпреварувачи кои учествуваат на мото натпревари се распоредуваат во соодветен ранг.

            Возачите кои сакат да пристапат на некој странски клуб и сојуз/федерација мора да поседуваат исписница од својот МК и согласност на МФМ.

           

член 28

 

            Странските државјани кои сакаат да пристапат кон некој мото клуб во Македонија мора да поседуваат согласност од матичниот клуб и сојуз/федерација согласно Законот за спорт на РМ.

 

член 29

 

            Странските државјани за време на поседување на спортски лиценци издадени од МФМ ги имаат истите права, должности и статус, како и државјаните на Р. Македонија кои се носители на спортски лиценци.

           

член 30

 

            Натпреварувачите можат да настапат на натпревари во странство индивидуално, екипно или во состав на репрезентација на Република Македонија,

            За индивидуален или екипен настап на мото натпревари вон Република Македонија, натпреварувачите односно нивните мото клубови, мора да побараат писмена дозвола од Управниот одбор на МФМ , а дозволата се издава согласно со посебниот правилник за права и обврки на возачи и натпреварувачи во мото спортот. Настап на натпреварувања вон Република Македонија без дозвола сноси дисциплинска одговорност и ќе се смета како повреда на овој правилник.

           

член 31

 

            Изгледот и обликот на натпреварувачките лиценци, начинот и условите за нивно издавање, како и регистрација на натпреварувачите, совозачите и функционерите, промена на мото клуб, начинот на пријавување на напреварите, опремата која возачите мора да ја поседуваат и здравствените услови кои мора да ги испонуваат, како и осигурувањето кое мора да го поседуваат се регулираат со посебниот правилник за права и обврски на натпреварувачите и функционерите во мото спортот.

 

V. СПОРТСКИ ФУНКЦИОНЕРИ

 

член 32

 

            Својството спортски функционер се стекнува со зачленување во организацијата на МФМ преку матичен клуб и регистрација кај надлежниот орган за мото спорт во системот  на МФМ и со здобивање на соодветна функционерска лиценца.

           

член 33

 

            Сите спортски функционери пред добивањето на функционерска лиценца задолжително полагаат соодветен испит пред стручна комисија. Испитната програма за сите категории и рангови на спортски функционери ја пропишува Управниот одбор на МФМ и таа програма ќе биде составен дел на посебниот правилник за спортски функционери на МФМ.

           

член 34

 

            Извршни и надзорни функции на мото натпреварите можат да извршуваат само спортски функционери.

            За извршни спортски функционери на еден натпревар се сметаат:

  • директор на натпревар и негови помошници (за судиска екипа, за врски и сл.)
  • секретар на натпреварот
  • член на жири
  • судија на натпреварот
  • мерачи на време (хроно екипа)
  • тотализатори
  • претседатели на техничка и верификациона комисија
  • стартер и финишер

            Рангот на спортски функционер кој врши извршна функција мора да одговара на рангот на натпреварот. На меѓународните натпревари извршните функции може да ги вршат и спортски функционери со лиценца од највисок ранг во рамките на МФМ, само доколку за извршување на ваква функција на меѓународен натпревар не е задолжително потребно поседување на меѓународна лиценца издадена од  FIM, UEM и BMU.

 

член 35

 

            Надзорните функции на натпреварот ги извршуваат спортски функционери - делегат носители на на функционерска лиценца со ранг еднаков на рангот на натпреварот.

            Делегат на МФМ и Техничкиот делегат на МФМ, за сите натпервари, ги назначува Управниот одбор на МФМ.

 

член 36

 

            Жирито на натпреварот е составено од три члена.

            Стручната комисија на дисциплината во која се одржува натпреварот и организаторот на натперварот назначуваат по еден член на жирито.

 

член 37

 

            Извршните и нандзорните спортски функционери се должни на натпреварувањата да ја носат својата функционерска лиценца.

 

член 38

 

            Регистрацијата на спортските функционери, рокови за поднесување, начин на издавање, условите и изгледот на лиценцата, правата и должностите на извршните и надзорните спортски функционери се регулираат со посебниот правилник за спортски функционери на МФМ.

 

VI. ВОЗИЛА

 

член 39

 

            Возилата со кои се настапува на натпреварите мора да се во согласност со меѓународните правилници на FIM, UEM и BMU. Исклучително може да се отстапи од горе наведените правилници, но само за посебни натпревари или група натпревари во рамка на еден циклус. Во тој случај отстапките мора да бидат прецизирани и да бидат наведени дополнителните услови кои возилата мора да ги исполнуваат.

            Отстапките на возилата на натпреварите од шампионатот на Македонија, од меѓународните спортски правилници, се прецизираат со додатоците на Правилникот за мото спорт на МФМ, 90 дена пред почетокот на натпреварувачката сезона.                               

 

член 40

 

            Возилата на натпреварите се делат на категории, групи и класи.

            При пријавување на натпреварите, возачите и натпреварувачите под полна материјална одговорност, со потпишување на пријавата за натпреварот, гарантираат дека пријавеното возило одговара на категоријата, групата и класата за која се пријавува и дека ги прифаќаат сите санкции и казни доколку се докаже спротивното.

 

VII. ПАТЕКИ

 

член 41

 

            Сите патеки на кои се одржуваат мото натпревари мора да бидат безбедни за возачите и гледачите. Поради тоа секоја патека мора да поседува елаборат за обезедување, кој мора да биде усогласен со посебниот правилник за патеки и меѓународните правилници на FIM, UEM и BMU.

 

член 42

 

            Елаборатот за обезбедување на патеката го изработува организаторот на натпреварот и тој мора да ги содржи следните елементи:

  • Скица на патеката во најголем размер 1:2000
  • Опис на работите кои ќе бидат извршени за заштите на гледачите и возачите
  • Места на кои мора да се постават огради за гледачите и заштитна бариера за возила
  • Места за сигнализација, места за санитетска и противпожарна служба и судиски места
  • Информација за пропусната моќ на патеката, односно капацитетот на патеката, како и рекордот на патеката изразен во време и km/h
  • Места за публика
  • Распоред на полициско обезбедување и редарска служба
  • Организација на сообраќајот за заобиколување на затворената патека.

 

член 43

 

            Елаборатот за обезбедување на патеката се доставува на Управниот одбор на МФМ, која ја именува комисијата за лиценцирање на патеки, најдоцна два месеци пред одржување на натпреварот.

 

член 44

 

            По доставување на елаборатот за обезбедување на патеката од страна на организаторот на натпреварот, комисиите за лиценцирање на патеки во најкраток можен рок вршат детален преглед на патеката. Посебен правилник за натпреварот неможе да се одобри пред прегледување на патеката и усвојување на елаборатот за обезбедување на патеката.

 

член 45

 

            Патеките на територијата на Република Македонија на кои се одржуват натпревари за Европски и Светски шампионат ги прегледуваат комисии за лиценцирање патеки на МФМ, односно комисиите на FIM, UEM и BMU, согласно со меѓународните правилници за патеки.

 

член 46

 

            Патеките на кои се одржуваат меѓународни и натпревари за првенство на Македонија ги прегледуваат комисии именувани од Управниот одбор на МФМ. Останатите патеки ги прегледуваат комисии предложени од стручните комисии на МФМ.

 

член 47

 

            За време на прегледот се контролира дали патеката ги исполнува сите услови пропишани во посебниот правилник за патеки. Во случај патеката да не ги исполнува сите барања на посебниот правилник за патеки и доставениот елаборат за обезбедување на патеката, комисијата при прегледот, доколку се работи за недостатоци кои можат да се отстранат, записнички ги констатира сите работи кои мора да се извршат најдоцна триесет дена пред одржување на натпреварот.

 

член 48

 

            По извршениот преглед и усвојувањето на елаборатот за обезбедување на патеката, комисијата која ја прегледала патеката, составува записник со кој се одобрува одржување на натпревар на патеката.

 

член 49

 

            Организаторот на натпреварот доставува еден примерок од лиценцата на патеката заедно со елаборатот за обезбедување на патеката до спортската комисија на МФМ која води регистер на патеките. Еден примерок од лиценцата и елаборатот за обезбедување на патеката организаторот е должен да му го достави на жирито на натпреварот.

 

член 50

 

            Трошоците за преглед на патеката е товар на организаторот.

                                                                  член 51

 

            Условите за патеките на кои се одржуваат натпревари се одредуваат со посебниот правилник за патеки, за секоја дисциплина посебно.

 

VIII. НАТПРЕВАРИ

 

член 52

 

            Натпревари можат да организираат организациите на МФМ кои можат да обезбедат соодветен спортски терен, доволен број спортски функционери за изведување на натпреварот, имаат обезбедени потребни финансиски средства и лиценца на патека на која се одржува натпреварот.

 

член 53

 

            Натпреварите се организираат на ниво на државен и меѓународен ранг.

            Мото клубовите можат да организираат и меѓуклубски натпревари и натпревари на ниво на град, регион или слично во согласност со законите на РМ и прописите на МФМ.

 

член 54

 

            Натпревари од меѓународен ранг можат да организираат само оние организации на МФМ кои претходни години организирале најмалку еден натпревар од шампионатот на Македонија во соодветна дисциплина или во претходните три години биле организатори на натпревар од меѓународен ранг.

 

член 55

 

            Натпревари од меѓународен ранг кои се бодуваат за европски или светски шампионат, се одобруваат и се впишуваат во календар од меѓународни организации.

            Натпреварите од меѓународен ранг се во надлежност на МФМ.

 

член 56

 

            Ниеден натпревар од државен или меѓународен ранг не може да се одржи доколку претходно не е впишан во календарот на натпревари.

            Во календарот за мото спорт на МФМ се впишуваат сите натпревари од државен ранг и сите меѓународни натпревари кои се одржуваат на територија на Република Македонија и МФМ може да се појави како коорганизатор на натпревари надвор од границите на РМ кој се бодуваат за државниот шампионат.

            Со додатоците на правилникот за тековната година може да се регулира начинот на гаранција за одржување на натреварот, вклучувајки ја можната котизација.

 

член 57

 

            Управниот одбор на МФМ ги разгледува пријавите за организација на натпревари и одлучува за нивното прифаќање или одбивање врз основа на понудените услови и други елементи кои гарантираат за квалитетна организација на натпреварот и потпишува договор со секој организатор.

            Ниту еден натпревар неможе да се одржи без посебен правилник за натпреварот со кој се регулираат деталите кои не се опфатени со Правилникот за мото спорт на МФМ, посебните правилници и додатоците на правилникот за тековната година.

            Организаторот на натпреварот посебниот правилник за натпреварот го доставува до соодветната комисија, која по разгледување, го доставува на усвојување до Управниот одбор на МФМ.

 

член 58

 

            Посебен правилник за натпреварот, програмите на натпреварите, плакатите и сите останати публикации, мора на видно место да го содржат амблемот на МФМ, а зависно од спортските дисциплини за меѓународните натпревари и амблемите на FIM, UEM и BMU..

 

член 59

 

            Сите организатори на државни натпревари се должни на свеченото отварање на натпреварот да ја интонираат химната на Република Македонија и да ги истакнат знамињата на Република Македонија и МФМ, а на меѓународните натпревари покрај овие знамиња и знамињата на FIM, UEM и BMU во зависност од спортската гранка.

 

член 60

 

            Сите детали околу организацијата на натпреварите кои не се опфатени со овој правилник се регулираат со посебниот правилник за организација на натпревари.

 

IX. ШАМПИОНАТИ И КУП НАТПРЕВАРИ

 

член 61

 

            Шампионатите поставуваат основни показатели за степенот на достигнување на возачите и служат за нивната квалификација и рангирање.

            Шампионатите се делат на:

  • Шампионат на Македонија
  • Балкански шампионат и други меѓународни и регионални шампионати
  • Европски шампионат
  • Светски шампионат

            Во зависност од дисциплината шампионатите се организираат во поединечна, јуниорска, сениорска и во различни екипни конкуренции.

 

член 62

 

            Куп на Македонија е еден или повеке натпревар организиран посебно или во рамките на еден натпревар од шампионатот на Македонија во дисциплините на мото спортот за кои таа година е распишан шампионатот. Купот на Македонија може да биде отворен или затворен. За секоја дисциплина во календарот на натпревари се впишува и куп натпреварот.

 

член 63

 

            Во текот на натпреварувачката сезона не се дозволени никакви промени и дополнувања на правилниците за мото спорт на МФМ, посебните правилници и додатоците на правилниците. Технички услови за возилата може да се менуваат само во процедура на нивно донесување, пред почетокот на сезоната. Исклучок се дополнувања од безбедносен карактер.

 

член 64

 

            На почетокот на натпреварувачката сезона, Спортската комисија на МФМ, на предлог на стручни комисии, за секоја спортска дисциплина за која се распишува шампионат усвојува додаток на правилникот.

 

член 65

 

            Додатоците на правилникот мора да содржат:

  • име на шампионатот, дисциплина и година во која се организира
  • календар на шампионатот
  • систем на бодување и број на натпревари кои се сметаат за шампионатот
  • систем на натпревари и број на натпревари кои се сметаат за пласман
  • начин на одлучување на победник во случај на еднаков број на бодови на крај на шампионатот
  • услови за учество на натпреварувачите и возачите - услови за возила, групи и класи
  • минимален број возила на стартот во класа за да се бодува натпреварот во таа класа
  • начинот на осигурување и минимален износ на кој се осигуруваат спортските функционери, возачите, натпреварувачите, публиката и официјалните лица на натпреварот
  • евентуално отстапување на возилата од технички норми на FIM, UEM и BMU
  • евентуална дозволена помош на возачите за време на тренингот и трката
  • прописи на затворениот паркинг
  • паричен износ кој го плаќаат возачите и натпреварувачите доколку одбијат да носат реклама на организаторот
  • место на возилото на кое се поставува логото на МФМ
  • детален опис на начинот на изведување и должина на траење на тренинзите и одредување на стартни позиции
  • начин на стартување и опис на изведување
  • должина на траење на трката и број на возења
  • карактеристика на патеката,  вид должина и слично
  • сигнализација
  • начин на изработка на резултати, пласман на натпреварот, казни и сл.
  • минимален број на седници на жири, дневен ред, време на одржуање и сл.
  • почесни награди и партиципација на трошоци кон организаторот ги исплатува на возачите.

 

член 66

 

            Секој шампионат од дисциплината на мото спортот се состои од најмалку три, а најмногу седум натпревари.

            Спортската комисија на МФМ, која ги усвојува додатоците на правилникот за одржување на шампионати може наместо откажан натпревар да одреди друг натпревар, но само ако до крајот на шампионатот во таа дисциплина има уште најмалку два натпревари.

 

член 67

 

            Доколку бројот на одржани натпревари, во било кој шампионат, од било која причина е помал од три, ќе се смета како да не е одржан.

 

член 68

 

            Доколку на предлог на жирито на натпреварот, делегатот на МФМ, или некое спортско тело на МФМ, се согледа груба повреда на овој правилник, посебните правилници, додатоците на правилникот и посебниот правилник за натпреварот, резултатите од тој натпревар може да бидат, по одлука на Управниот одбор на МФМ, прогласени за неважечки.

 

X. ПРИЗНАНИЈА

 

член 69

 

            За постигнатите спортски резултати и успеси, на возачите, мото клубовите, организаторите на натпреварите и спортските функционери, им се доделуваат признанија и награди.

 

член 70

 

            Постојани признанија им се доделуваат само на возачите и екипите на мото клубовите и тие по значење се следните:

  1. Златна кацига со дијамант
  2. Златна кацига
  3. Златна плакета
  4. Пехар - медал
  5. Диплома
  6. Признание     

 

член 71

 

            Златна кацига со дијамант е најголем спортски трофеј на МФМ, а се доделува на возач или совозач кој три пати освоил златна кацига.

 

член 72

 

            Златна кацига се доделува на возач, а во дисциплините кај што постои и совозач и на совозачот, кој три пати последователно или вкупно пет пати го освоил шампионатот на Македонија во иста дисциплина.

            Златна кацига е спортски трофеј во форма на кацига , поставена на основа. На основата се впишува името и презимето на возачот или совозачот на кого се доделува, дисциплината и освоените шампионати за кои се доделува.

 

член 73

 

            Златна плакета им се доделува на екипите на мото клубовите и спонзорите кои три пати едно по друго или пет пати вкупно ќе го освојат шампионатот на македонија во иста дисциплина.

            Златна плакета е позлатен спортски трофеј со впишано име на екипата на која и се доделува, дисциплината и освоените шампионати за кои се доделува.

 

член 74

 

            Пехари и медали се доделуваат на тројца прво пласирани возачи на натпревари од шампионатот на Македонија во секоја од распишаните класи во дисциплините на мото спортот освен мотоконцентрација.

            Пехари или медали се доделуват на екипите на мото клубовите и спонзорите на натпреварите од шампионатот на Македонија за освоено прво , второ и трето место.

            На пехарот или медалот се испишува име и презиме на возачот или екипата, дисциплината името на натпреварот и освоеното место на натпреварот.

 

член 75

 

            Дипломи се доделуваат на возачи за сите натпревари од шампионатот на Македонија во сите класи во дисциплините од мото спортот за освоено прво, второ и трето место на натпреварите, како и на екипи на мото клубовите и спонзорите.

            На дипломата се испишува име и презиме на возачот, име на натпреварот, дисциплината и класата, освоено место на натпреварот или вкупно на шампионатот и дата на доделување.

            Дипломата ја потпишува Претседателот на Управниот одбор на МФМ или генералниот секретар на МФМ.

            На крајот на годината се доделуваат пехари и дипломи на тројца првопласирани возачи во сите класи, три првопласирани екипи на мото клубовите и спонзори, во сите дисциплини на мото спортот на генералното прогласување на победниците.

 

член 76

 

            Врз основа на предлогот на стручните комисии, на генералното прогласување на победниците, им се доделуваат признанија на организаторите за најдобро организирани натпревари во оделни дисциплини во мото спортот.

            Стручните комисии на МФМ го поднесуваат предлогот за доделување на признанија врз основа на извештајот на делегатот на натпреварот.

            На крајот од секоја натпреварувачка сезона, на предлог на Спортската комисија на МФМ, им се доделуваат признанија на спортски функционери и работници од областа на мото спортот.

 

член 77

 

            Заради популаризација на мото спортот се доделуваат награди и признанија на најзаслужениот новинар, односно на организацијата од областа на јавно информирање, кои во текот на годината со својата работа најмногу придонеле за развојот и афирмацијата на мото спортот.

            Освен постојните признанија, може повременено да се доделуваат признанија и специјални награди за особени заслуги при организирање на натпревари и за особени успеси на меѓународните натпревари.

            Признанија и награди се доделуваат на свечени седници или на генералното прогласување на победници во сезоната.

            Сите признанија ги потпишува претседателот на спортската комисија на МФМ.

 

XI. ДИСЦИПЛИНСКА И МАТЕРИЈАЛНА ОДГОВОРНОСТ

 

член 78

 

            Возачите, натпреварувачите, спортските функционери и организаторите на натпреварите, се должни да го почитуваат овој правилник и сите останати правилници кои ги регулираат натпреварите и се обврзуваат совесно и со полна одговорност да ги извршуваат своите задачи и обврски, со цел да се зачува угледот на мото спортот и МФМ.

 

член 79

 

            На сите прекршители на овој правилник и сите останати правилници со кои се регулираат натпреварите, или на оние кои на било кој начин со своите постапки и однесувања му нанесуваат штета на мото спортот, ќе им бидат изречени дисциплински мерки кои треба да делуваат како заштитник на угледот на мото спортот, а истовремено ќе делуваат воспитно.

 

член 80

 

            Дисциплински мерки се:

  1. Писмен јавен укор.
  2. Парична казна.
  3. Забрана за организирање или учество и вршење на фукции на сите или одредени натпревари во одреден временски период или одреден број на натпревари.
  4. Доживотна забрана на учество и вршење на функции на сите натпревари - дисквалификација.

            Извршување на поединечни дисциплински мерки може да биде одложено и условено на начин утврден со посебниот правилник за дисципинската одговорност во мото спортот.

 

член 81

 

            Дисциплински мерки ги изрекуваат дисциплинските судии кои ги именува Управниот одбор на МФМ и Дисциплинската комисија на МФМ.

 

член 82

 

            Сите учесници на мото натпреварите (возачи, натпреварувачи, спортски функционери, организатори на натпреварите) за сите евентуално нанесени штети на трети лица, подложат на материјална одговорност согласно граѓанското право.

 

член 83

 

            Начинот и роковите за поднесување на барање за поведување на дисциплинска постапка, лицата овластени за поднесување на барањето за поведување на дисциплинска постапка, начинот на водењето на постапката и начинот на носењето одлуки како и начинот на изрекување на дисциплински мерки ќе бидат одредени со посебен правилник за дисциплинска одговорност во мото спортот.

 

XII. ЖАЛБИ

 

член 84

 

            Против одлука на жири на натпревар, заинтересираните странки може да поднесат жалба.

            Жалбата се поднесува до соодветната стручна комисија за државни натпревари.

            За меѓународни натпревари жалбата се поднесува до FIM, UEM и BMU преку МФМ.

            Жалбите на одлуките на жири на натпреварите се поднесува во рок од три дена по завршување на натпреварот, а за останатите одлуки во рок од пет дена од примање на одлуката.

 

член 85

 

            По усвоената жалба се врши корегирање на пласманот, а натпреварувачите и возачите чија жалба е позитивно решена не може врз основа на тоа да бараат од организаторот на натпреварот исплата на трошоци или врачување на награди предвидени со посебниот правилник за натпреварот, туку заменувањето на наградите мора да се изврши меѓу мото клубовите во рок од петнаесет дена од усвојувањето на жалбата.

 

член 86

 

            Против одлуки на стручни комисии донесени во прв степен, заинтересираната странка има право на жалба до Управниот одбор на МФМ во рок од пет дена од примањето на одлуката.

 

XIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

член 87

 

            Управниот одбор на МФМ е должна во рок од три месеци од донесување на правилникот за мото спорт на МФМ да ги усогласи сите општи акти за мото спорт со овој правилник и да усвои општи акти  за кои е овластена со овој правилник.

 

член 88

 

            Измените и дополнувањата на овој правилник се вршат по иста постапка како и за неговото донесување.

            Правото и обврската на толкување на овој правилник се во надлежност на Управниот одбор на МФМ.

 

член 89

 

            Со стапување на сила на правилникот за мото спорт на МФМ, престанува важноста на правилникот за авто мото спорт на АМСМ донесен на 23.12.1994  година и објавен во збирката правилници на АМСМ во 2006 г.

 

 

член 90

 

            Овој правилник стапува на сила од денот на неговото донесување.

 

 

 

 

 

 

 

                                                                                                Управен  Одбор

 

Март 2008                                                                                      Претседател

                                                                                                Мр.Дејан Силјановски

 

Анкета

Омилен Мотор
 

Најавете се..




Покренато од Acvilla Corp. | web design | hosting solutions